Во рамки на Меѓуопштинските спортски игри, организирани по повод 50-годишниот јубилеј на Општина Карпош, денеска се одиграа финалните натпревари во фудбал и кошарка.
На спортското игралиште „Христијан Тодоровски – Карпош“, во неизвесно фудбалско финале, Општина Аеродром ја совлада Општина Карпош со 2:1 и го освои победничкиот пехар. Во борбата за третото место, Гази Баба ја совлада Кисела Вода на пенали со 4:2, по нерешените 2:2 во регуларниот дел.

Во спортската сала „Наум Наумовски – Борче – Партизан“, Аеродром триумфираше и во кошаркарското финале, совладувајќи ја Кисела Вода со 51:44. Третото место го освои Карпош, кој ја совлада Гази Баба со 63:46.
 Пехарите и дипломите на најуспешните екипи ги врачи градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој им честиташе на сите млади спортисти за прикажаната игра, спортскиот дух и фер-плејот.
„Спортот ги обединува младите, ги гради тимскиот дух и пријателството. Општина Карпош ќе продолжи да вложува во развојот и афирмацијата на спортот, како важен дел од здравата и активна заедница“, истакна градоначалникот Лукровски.