На спортското игралиште во населбата Влае, денеска се одржаа преостанатите натпревари од последното 18-то коло во фудбал од општинските училишни лиги на Општина Карпош.

Со натпреварите во рамки од завршното 18-то коло, во одлична атмосфера заврши овогодинешната фудбалска сезона 2022/2023. Оваа училишна година во фудбалските натпревари учествуваа десет тимови од сите основни училишта во Општина Карпош. Фудбалерите од „Владо Тасевски“ завршија пред останатите на врвот од табелата со вкупно освоени 43 бодови откако во  последното коло, на извонреден натпревар триумфираа над екипата од ООУ „Братство“ со убедлив резултат 6-2. Во неизвесна борба за второто место на табелата, по денешниот триумф од 0-1 над ООУ „Лазо Трповски “ среброто го освоија основците на „Димо Хаџи Димов “ додека на третата позиција од табелата завршија фудбалерите на ООУ „Војдан Чернодрински “.      

Претставникот од Одделението за култура и спорт при Општина Карпош, Зоран Лазовски, им го честиташе постигнатиот успех на сите натпреварувачи, а потоа им ги врачи пехарите, медалите и дипломите на фудбалерите од трите најдобро пласирани екипи.

Убедливо, најдобар стрелец во фудбалските натпревари за оваа сезона е Админ Абдула од ООУ „Братство“ со 37 постигнати голови. За најдобар голман беше прогласен Никола Новачев од ООУ„Војдан Чернодрински“. додека за најталентиран играч признанието отиде кај Филип Андоновски од ООУ „Вера Циривири Трена“. Најзначајниот поединечен трофеј, односно, за најдобар играч во училишната фудбалска сезона 2022/23 беше избран Дамјан Буцевски од ООУ„Владо Тасевски“.