Денеска, во спортската сала на ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“, во рамки на училишните спортски лиги 2022/2023, се одигра финалето во одбојка за девојчиња од основните училишта во Општина Карпош.  Во одличен натпревар со фантастична атмосфера и фер игра, триумфираа одбојкарките од ООУ „Владо Тасевски“ кои победувајќи ги соперничките од „Петар Поп Арсов“ се искачија на победничкиот трон за сезоната 2022/2023.

На натпреварот на кој имаше голема подршка од фановите на двата тима,  по три одиграни сета, триумфираа основките на „Владо Тасевски“

Крајниот резултат во сетови беше 2-1 откако во првиот сет победи со 25-19 додека вториот со резултат 23-25 заврши во корист на  ООУ „Петар Поп Арсов“ . Во решавачкиот сет, поголема концентрација покажа екипата од Козле и успеа да триумфира со 15-9.

Пред овој меч, се одигра дуелот за третото место, по кој бронзата им припадна на основките од ООУ „ Војдан Чернодрински“ откако со убедливи 2-0 во сетови (25-16, 25-15) ги совладаа одбојкарките  од „Димо Хаџи Димов“.

Претставникот од Одделението за спорт и култура на Општина Карпош, Тања Милошева им честиташе на учесничките во финалниот меч и го додели пехарот  на победничката екипа, заедно со медалите и дипломите за трите најдобро пласирани тимови.

На крајот беа доделени и индивидуалните признанија за одбојкарките од овогодинешната сезона. За најкорисен играч беше прогласена Јана Илиевска од „Владо Тасевски“ додека  за најталентирана одбојкарка е избрана Матеа Сотировска од ООУ „Петар Поп Арсов“. Како најдобар играч од одбојкарското натпреварување за 2022/2023 беше прогласена Ива Тасевска од шампионскиот тим на „Владо Тасевски“.