Од оваа учебна година, во сите десет основни училишта на територија на Карпош се спроведува проектот за ограничена употребата на мобилните телефони и електронски уреди во текот на наставата.

Учениците и наставниците, на почетокот на секој час ги оставаат е – уредите во наменски подготвените организатори (џебови), а по завршување на часот мобилниот телефон повторно го земаат. За време на одморите учениците можат слободно да ги користат мобилните телефони.

За начинот на кој се спроведува овој проект, како и за негово доближување до сите страни, денеска се организираше презентација во ООУ „Војдан Чернодрински“, на која присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, како и претставници од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ (имплементатори на проектот).

 

–                    За ограничувањето на мобилните во текот на наставата, организиравме и повеќе консултативни средби со ученици, наставници и родители, а неодамна се одржа и јавна дебата, каде што за корисноста од овој проект зборуваа и стручни лица, педагози, социолози и комуниколози. Ниту јас ниту Општината не сме против дигитализацијата, напротив, сакаме истата да биде насочена и користена за продуктивни цели. Се грижиме да создаваме генерации кои од училиштето ќе си одат со знаење и нови вештини. На овој начин ќе придонесеме да го намалиме сајбер насилството меѓу младите, да ги поттикнеме да ја користат технологијата за добро, рече Богоев.

 

Учениците позитивно гледаат на проектот. Низ спонтан разговор со градоначалникот, со претставниците од здружението „Ајнштајн“, посочија дека ги почитуваат правилата и на проектот гледаат како можност да научат повеќе, а дома да имаат повеќе слободно време.

 

–                    Направивме истражување кое покажа дека 78 отсто од учениците користат мобилен телефон во текот на наставата. Затоа преземаме акција за лимитирање на употребата на мобилни телефони во наставата, а Општина Карпош е првата локална самоуправа која го имплементира овој проект, посочи Дамјан Николовски, претседател на Здружението за дислексија „Ајнштајн“.

 

Со цел доследно и целосно спроведување на проектот, училиштата имаат донесено и правилници со кои се регулира употребата на мобилните во наставата, а истите се креирани во соработка со родителите и наставниците.

 

Сите носиме одговорност во градењето на здрави генерации на ученици, граѓани на нашата општина, град, држава.

 

Овој проект се спроведува партнерски меѓу Општина Карпош и Здружението за дислексија „Ајнштајн“, а истиот е финансиски поддржан и од Европската Унија.