Со чинот на осветување на водите на реката Вардар кај „Железниот мост“ во населбата Влае и со положување на светиот крст, денеска попладне карпошани и ѓорчепетровци заедно го одбележаа големиот празник „Богојавление – Водици“. Покрај православните верници, на настанот  присуствуваа и градоначалникот Стевчо Јакимовски во придружба со Секретарот на локалната самоуправа, Неделчо Крстевски, како и претставниците на Советот на Општина Карпош и на општинската администрација.

 

Во духот на христијанската традиција, свештените лица од црквата „Свети Пантелејмон“ од Нерези  и  „Свети Петар и Павле“  од  Ѓорче Петров, го  положија крстот во реката Вардар, при што најголема среќа имаше Игор Георгиевски кој прв дојде до оваа света реликвија. Според религијата се верува дека токму овој крст, ќе му донесе нему здравје и бериќет во претстојнава година.    По завршувањето на манифестацијата, присутните граѓани и верници се упатија  кон црквата „Свети Пантелејмон“, каде што ги чекаше пригодна славска трпеза.