Денеска, во урбаната заедница „Кузман Јосифовски- Питу“, градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски предаде во употреба нов објект на детската градинка „ Пролет“.

Станува збор за  нов објект (клон)на градинката ЈУОДГ „Пролет“ кој ќе го носи името „ Бумбарче“. Првиот човек на локалната самоуправа, истакна дека оваа детска установа е заедничка инвестиција на Општината Карпош и Министерството за труд и социјална работа ( МТСП). Притоа, Општината инвестираше во уредувањето на партерниот простор, додека Министерството за труд и социјална политика го ја среди внатрешноста објектот. Градоначалникот Јакимовски нагласи дека ова е трет објект на детска установа во населбата Козле, која ги згрижува најмалите карпошани од три урбани заедници: Кузман Јосифовски-Питу,Пецо Божиновски-Кочо и Средно и Горно Нерези.

 

–          Објектот зафаќа површина од 160 квадратни метри, и ќе биде со капацитет за прием на 56 дечиња. Сите капацитети се пополнети, и родителите изразуваат големо задоволство, што отворивме нова установа, бидејќи имаше реална потреба и заинтересираност за згрижување на нашите најмлади жители, потенцираше Јакимовски.

 

 

Општинскиот татко, Стевчо Јакимовски прецизираше дека освен згрижувачка, детските установи имаат и воспитно-образовна функција, која бара посебно внимание, труд, љубов и посветеност од соодветниот персонал. Јакимовски изрази надеж дека токму од оваа градинка ќе произлезат идни академици, професори, доктори, политичари, како и од многу други општествени професии.

 

 Директорката на градинката „ Пролет“ Вита Јаковлевска, изрази големо задоволство од проширувањето на капацитетите на детската установа, бидејќи секоја година има се поголема заинтересираност од запишување на нови дечиња токму во оваа детска градинка.

 

–          Пресреќни сме, и возбудени, ова е голем настан за нас, бидејќи од денес па натаму нашата установа се проширува со нови простории во кои ќе бидат примени нашите дечиња од Општина Карпош . Посакувам истите да поминат убави детски мигови, и сум убедена дека најдобро  ќе ги подготвиме за влегување во основното образование, децидна беше директорката Јаковлевска.

 

 

Директорката на „ Пролет“ Вита Јаковлевска, истакна дека во  овој клон ќе функционираат три занимални. Во две ќе бидат згрижени дечиња од 0-2 години, односно во т.н група на „ јасли“, додека  во една занимална ќе бидат згрижени деца од 2-6 години.