Бугаринот Радослав Димитров е победник на овогодинешниот шаховски турнир „ Опен Карпош 2018“. Со вкупно 7.5 поени, Димитров заврши пред второпласираниот  Србин Синиша Дражиќ. На третата позиција се пласираше Леон Ливаич од Хрватска.

Овој традционален шаховски турнир се одигра според швајцарски систем на натпреварување во девет кола, и на него вкупно се натпреваруваа 165 играчи, од 17 земји, од кои 62 играчи со меѓународни игри. Како што истакна и претседателот на Советот на Општина Карпош Андреј Манолев, кој и го врачи победничкиот пехар, Општина Карпош постојано финансиски помага на спортски настани и спортски таленти со цел да се постигне поголема афирмација на спортот како дејност во Општината, и популаризирање на истиот надвор од рамките на самата локална самоуправа.

 

-Со овој турнир , ние, Општината Карпош ја етаблираме на светската шаховска карта, и на тој начин ја претставуваме и Република Македонија, како домаќини на овој респектабилен турнир. Наша интенција е популаризација на оваа „мудра“ древна игра и кај најмладата популација, а доказ за тоа е и учеството на голем број млади шахисти на ова првенство, потенцираше Манолев.

 

 Викторија Радева од Бугарија, беше победничка во женската конкуренција на „Опен Карпош 2018“. На турнирот се освоија две велемајсторски норми и четири интермајсторски норми.

Наградниот фонд кој како парична награда го поделија победниците на шаховскиот турнир изнесува 10.200 евра. Овој шаховски турнир, од година в година, со врвните шаховски учесници, реномето кое го поседува, полека, но сигурно се вбројува  во европските и светските шаховски натпреварувања од висок рејтинг. Претседателот на  Советот на локалната самоуправа Андреј Манолев, од свое име и од името на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев им го честиташе успехот на победниците, им се заблагода на учесниците, и им посака среќа на други натпреварувачки турнири, и  добредојде за идниот шаховски турнир „ Опен Карпош 2019“.