Хуманите патроли – домашните посети за постарите и изнемоштени лица, како и за граѓаните со попреченост ќе овозможат вистинска поддршка и зголемена грижа за овие сограѓани. Во тек е јавниот повик за негователи, кои ќе се грижат за овие лица и истиот е достапен на www.karpos.gov.mk (огласна табла). Ова го истакна градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој утринава гостуваше во емисијата „Македонија наутро“ на Македонската радио телевизија.
Овој проект се спроведува во соработка со Црвениот крст на Град Скопје, а е поддржан и од Министерството за труд и социјална политика и Светска банка. Негователите ќе поминат соодветна обука за работа со посочените лица, а нивната работа ќе биде платена.
Запрашан за начинот на кој локалната самоуправа се справи со снежните врнежи, градоначалникот посочи:

– Првично, се фокусиравме на чистење на повисоките места: Жданец, Трнодол, Бардовци, улицата „Ловќенска“ во Козле и Нерези, а потоа продолживме и кон централните населби. Ги чистевме пристапите пред детските градинки, основните училишта, патеките во близина на маркетите и сл.
Овие денови беа потрошени 130 тони сол, 10 тони емулзиона течност (која спречува заледување на коловозот), се со цел да се олесни движењето на граѓаните.
Верувам дека не секаде е исчистено, но апсолутно работиме со сите сили, со целокупната механизација и работници. Патем, ги повикувам и сопствениците на компаниите, угостителските објекти, куќните совети, да ги исчистат заледените делови пред своите објекти и сите да користиме зимска опрема, рече Богоев.

Во завршниот дел од разговорот градоначалникот посочи дека општината на пролет ќе продолжи и со тековното раззеленување по населбите, а ќе биде објавен и повикот за субвенционирање на велосипеди.