Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се приклучи на хуманитарната акција „Нахрани 10.000“ иницирана од Организацијата на жени на Град Скопје, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на храната. Богоев ја додели својата донација на поставениот штанд во „Тинекс“ маркетот, во Карпош 2, во близина на Драмскиот театар.

Донираната храна ќе биде доделена на девојки и жени, жртви на семејно насилство, самохрани мајки и на семејства пријавени како социјални случаи. Општина Карпош и во претстојниот период ќе продолжи да ги поддржува ваквите акции кои ќе овозможат подостоинствени услови за живот за сите граѓани, како и со спроведување на социјалните политики кои нудат системска помош и поддршка за најранливите категории на граѓани.