Попладнево, во Културниот информативен центар, во Скопје се одбележа 19-от роденден на Младински сојуз – Крушево, организација која вредно работи на полето на младинскиот активизам. По тој повод, се одржа дебата насловена „Локални младински зони“ во која  учествуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој во изминатите години иницираше голем број  решенија за младите и подобрување на нивниот статус во општеството.

На дебатата се разговараше за младинското учество, застапеноста на младите луѓе, како и справување со невработеноста кај оваа категорија на граѓани. Богоев се осврна на повеќе сегменти од областите кои ги тангираат младите лица,  на кои Општина Карпош работи посветено.

Ресетирањето на Локалниот младински совет започна со иницијативата за измена на Статутот на Општината, а преку консултации со младинските организации ќе се формира младинско тело кое ќе биде сеопфатно. Тоа пак, ќе креира настани за млади и ќе има значаен придонес во носење на одлуки кои ги засегаат младите луѓе.

Што се однесува до справување со младинската невработеност, Општина Карпош е единствената локална самоуправа, која е дел од Националниот форум за вработување на млади. Ова тело е составено од повеќе институции и организации, а во претстојните два дена, во Скопје ќе се одржи и Првиот Регионален форум за вработување на млади, каде што домашните институции и организации, заедно со претставници од земјите од Западен Балкан ќе споделуваат позитивни практики и алтернативи за справување со младинската невработеност.

Во своето обраќање пред младите, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, напомена дека неговата цел е да остави позитивен белег од својата работа и да внесе нова енергија.

– Промените се гледаат и во новите технологии за мапирање на локалните проблеми. Развиваме мобилна апликација за пријавување на проблеми, а преку веб платформата prijavi.mk го олеснуваме начинот на комуникација со граѓаните. Исто така, во финална фаза е и новиот општински магазин, кој е целосно ребрендиран и ги артикулира потребите на младите луѓе. Сакаме другите да говорат за нас, да даваат идеи и предлози, рече Богоев.

 На дебатата се обрати и Нита Старова од фондацијата Friedrich Ebert Stiftung, која презентираше повеќе податоци за младите луѓе во Република Македонија.

Таа посочи дека сеуште е голем бројот на младите кои се гледаат надвор од државата (речиси 2/3), а исто така, новите политики треба да ја вратат желбата на младите за волонтирање и конкретен придонес во локалната заедница.

 Во панел дискусијата „Локални младински зони“ учествуваа и градоначалниците на Општина Штип, Благој Бочварски, Општина Гази Баба, Борче Георгиевски и Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски. Во оваа пригода, тие говореа за особеностите на локалните самоуправи со кои раководат, во однос  на младинското учество.