Почитувани граѓани, драги карпошани,

 

На ова место, кај таканаречениот „чатал“ помеѓу патот за Трнодол и патот за Жданец нема да има зграда.

Напротив, во Деталниот урбанистички план кој сега е само во почетна фаза и е на јавна анкета, овде се предвидува намена Д1, односно парковско зеленило, онака како што ви го ветив на вас граѓаните, во кампањата, од истото ова место.

 

Што се однесува до дилемите дали тука ќе има мост. Со Регулацискиот план на Град Скопје, уште одамна е предвиден мост којшто треба да го спојува патот за Трнодол и патот за Жданец, па така, ние како Општина мораме тој Регулациски план да го преземеме во нашиот ДУП.

Но, како и да е, во секој случај, со предложениот ДУП, овој пат, патот за Трнодол останува и понатаму ист.

 

Оттука, ниту каналот ќе се затвори, ниту на ова место ќе се гради зграда, ниту патот за Трнодол ќе се затвори.

Сето тоа се неточни работи и можат да се видат во предложениот детален урбанистички план.

Напротив, повторувам, тука ќе имаме парк, како што беше ветено на граѓаните во предизборието.

 

Ги повикувам сите граѓани, денеска, во 13:30 часот, во урбаната заедница „Кузман Јосифовски Питу“, до Угостителското училиште, да дојдат на јавната презентација и да се уверат во овие факти, но и да ги дадат нивните критики и забелешки, онака како што е предвидено во оваа фаза на носењето на Деталниот урбанистички план.