Четвртоодделенците од ООУ „Јан Амос Коменски“, денеска одржаа online час по предметот Општество, на кој учествуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

 

Во рамките на оваа online настава, Богоев практично им објасни на основците, како функционира локалната самоуправа, кои се надлежностите на Општината, градоначалникот и Советот, какви проекти се реализираат во интерес на граѓаните и слични теми.

Наставниот час се одржа преку платформата Zoom, која се користи за следење на настава во периодот кога учениците се спречени да посетуваат училиште, како резултат на пандемијата со Covid – 19. Инаку претходно, како дел од наставниот план, учениците и наставниците често пати ја посетуваа Општината, со цел практично да се запознаат со работата на локалната самоуправа.

„Мило ми е што успешно се спроведува е – наставата во Карпош и навистина го прифативте овој тип на учење. Нашата општина го иницираше овој тип на настава во целата држава, а денеска и директно ќе одговарам на вашите прашања“, рече Богоев на почетокот од часот.

Учениците се интересираа за работните обврски на градоначалникот, клучните проблеми и приоритети во претстојниот период, бројот на сектори и одделенија во општината.

Богоев истакна дека еден од главните проекти на кои се работи периодов е паркот долж Вардар, кој ќе се простира на 60.00 м2 и ќе понуди содржини за сите генерации. Исто така, тој зборуваше и за начинот на кој се станува градоначалник, подготовката на изборна програма и учеството на избори, каде што граѓаните на непосреден, директен начин гласаат за градоначалникот и претставници во Советот.