Претставници од општинскиот Црвен крст денеска беа во посета кај градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски. Во оваа пригода тие подготвија четири благодарници за граѓаните кои учествувале во организација на крводарителски акции  и воедно ги мотивирале другите луѓе да даруваат крв. Општинскиот Црвен крст традиционално доделува благодарници по повод Денот на крводарителството во РСМ, како и денот на основање на Црвениот крст на РСМ (17 март), кој оваа година одбележува 77 години од своето постоење.

Во таа насока, градоначалникот Јакимовски им ги врачи благодарниците на проф. Д-р Соња Геговска Зајкова, Маја Филипчева, Александра Теова и на Ангела Јордановска, за организација и постигнати резултати во крводарителството и за покажаната хуманост и солидарност. Општина Карпош е една од водечките локални самоуправи која организира и спроведува крводарителски акции  за потребите на Црвениот крст и Институтот за трансфузиона медицина.

Токму таква акција беше реализирана пред десетина дена (10.03.2022), каде учествуваа граѓаните на Карпош, вработените во општинската администрација и урбаните заедници, како и вработените во основните училишта и градинките на територија на Карпош. Притоа, во текот на работниот ден беа собрани 123 крвни единици.