На предлог на градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски

На денешната седумдесетта седница на Советот на Општина Карпош, советниците расправаа по вкупно четириесет и седум точки. Една од најхуманите, беше одобрување на финансиски средства за летување на ученици од Општина Карпош, чии семејства се наоѓаат во потешка материјална состојба. 
 
Четириесет и пет граѓани, жители на Карпош 3 и Карпош 4, и оваа година ќе добијат бесплатно паркирање во Трговскиот центар „Скопје Сити Мол.” Имено, бесплатен паркинг добиваат граѓаните кои живеат во непосредна близина на прометниот трговски центар.  
Советниците се изјаснија позитивно за Предлог-Одлуката со која се определуваат стипендии за талентирани ученици, од основните општински училишта во Карпош за учебната 2017/2018 година. 
На седницата беа усвоени мислењата за изведување на ученички екскурзии и други активности во училиштата во Општина Карпош, за учебната 2017/2018 година. Позитивно помина и предлогот за разрешување и именување на членови во Училишниот одбор во основните училишта  „Аврам Писевски”, „Братство”, „Вера Циривири-Трена”, „Владо Тасевски”, „Војдан Чернодриснки”, „Јан Амос Коменски”, „Петар Поп Арсов”, и „Христијан Тодоровски- Карпош”. 
Советниците од Општина Карпош, ги усвоија заклучоците на Годишниот извештај за работата на десетте основни училишта, кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа за учебната 2016/2017 година. Со истата динамика беше одобрена и Годишната програма за работата на општинските основни училишта за учебната 2017/2018 година.