Официјално, минатата недела заврши првиот дел од проектот „Играме бадминтон – предуслов за психо-физичко здравје низ популаризација и омасовување во основните училишта од општина  Карпош“.  Во соработка со Одделението за спорт на општина Карпош, Бадминтон Федерацијата на Македонија (БФМ), организираше спортско-едукативен настан кој се одржа  од 18 до 22 јуни во просториите на ООУ „Војдан Чернодрински“.

На петдневниот семинар за тренери по бадминтон,  пријавените посетители,  како и наставниците од неколку основни училишта од општина Карпош и студентите од Факултетот за физичка култура во Скопје, се стекнаа со основни познавања и техники, кои понатаму ќе ги применат  при обука во овој спорт. Во рамки на семинарот беа опфатени десет часови теоретска и практична презентација, под водство на М-р. Горан Тасевски (прв Селектор на националната бадминтон екипа на Македонија).

Сите учесници кои успешно го завршија семинарот, се стекнаа со Сертификат и квалификација  „Бадминтон тренер – ниво 1“, што ќе им овозможи професионален ангажман во своите средини (училишни клубови, секции, наставни програми и сл.). Целта на овој проект е инволвирање на поголем број  на ученици од основните училишта во спортот генерално, а исто така и претставување и афирмација на бадминтонот.

Во вториот дел од проектот кој ќе започне во август – годинава,  Бадминтон Федерацијата на Македонија, комплетно ќе ги опреми спортските сали во основните училишта,  чиишто претставници успешно го завршија семинарот, со бадминтон опрема (мрежички, сталки, рекети, пера).

БФМ ги покани сите учесници на семинарот, како свои гости, да присуствуваат на  Балканскиот бадминтон шампионат кој ќе се одржи во Охрид, од 30-ти август до 2-ри септември – годинава.

Со Сертификат и квалификација „Бадминтон тренер – ниво 1 се стекнаа :

  1. Зоран Петровски – ООУ „Војдан Чернодрински“
  2. Светлана Илиоска – ООУ „Владо Тасевски“
  3. Зоран Бочваровски – ООУ „Аврам Писевски“
  4. Tатјана Тpпезановска –  ООУ „Братство“
  5. Марина Пешиќ – ПОУ „Д-р. Златан Сремец“
  6. Драгана Колевска – ФФК
  7. Катерина Поповска – ФФК
  8. Никола Петковски – ФФК
  9. Христина Атанасова – ФФК
  10. Имран Дрндар – ФФК
  11. Викторија Спасовска – ФФК
  12. Марко Арсовски – ФФК