Во близина на ТЦ City Mall, Општина Карпош, во соработка со Здружението на граѓани “Центар за климатски промени – Гевгелија” и СВР Скопје,  одржа акција за поголема безбедност во сообраќајот, во рамки на проектот “Заеднички за подобра животна средина во Општина Карпош”, поддржан од Европската унија.

Во акцијата за подигнување на јавната свест на граѓаните се приклучи и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, придружуван од младите карпошани, ученици на ОУ “Јан Амос Коменски”, при што, заеднички им делеа едукативен материјал на пешаците и возачите. Исто така, со рачно изработени сообраќајни знаци се алармираше да се почитува сообраќајнта сигнализација на бул. „Партизански Одреди” која претставува критична точка во градскиот сообраќај поради брзото возење и непочитување на сигнализацијата.

Во оваа прилика, градоначалникот Богоев апелираше до сите учесници во сообраќајот на почитување на сообраќајните прописи и процедури.

–   Општина Карпош ќе ја интензивира соработката со СВР Скопје, со намера да се спречат и “трките” долж “Партизанска” кои претставуваат сериозен проблем за граѓаните кои живеат на овој потег, но и за целокупната безбедност во сообраќајот во Скопје, рече Богоев.

Пред започнување на акцијата се обрати и претставничката од Здружението на граѓани, “Центар за климатски промени”, Кристина Петровска, која се осврна на ефектите од овие активности и на фактот дека е потребна поголема работа со младите бидејќи навиките се стекнуваат од најрани години.

Локалната самоуправа и во претстојниот период ќе продолжи да работи на зголемување на безбедноста во сообраќајот, преку реконструкција на улици кои се под надлежност на Општината, тротоари, пристапни патеки и бележење на пешачките премини.