Прекрасни акварели нацртани од рацете на врвни уметници од Македонија и светот, вечерва го красеа платото на Т.Ц Лептокарија. Во рамките на претпоследната вечер од „Културното лето Карпош-2017“, беше поставена изложба од собраните дела на уметниците кои учествуваа на осмиот Меѓународен акварелен симпозиум, кој го организираше Општина Карпош. Оваа традиционална ликовна манифестација се одржа од 21 до 31 август годинава, а на неа учествуваа реномирани акварелисти од Македонија, Франција, Романија, Бугарија, Германија, Индија, Велс и Белорусија.

           

            Овие десетина дена уметниците престојуваа во Општина Карпош, Охрид и Маврово, каде ги твореа своите дела инспирирани од убавините на нашата земја. За нивното учество на овој симпозиум, вечерва, претседателот на Комисијата за култура при Советот на Општина Карпош, Горан Михајлов, свечено им врачи благодарници.

 

            Прекрасната атмосфера за љубителите на уметноста ја надополни раскошниот тенор на Вејчислав Поповски, кој на сцената настапи со изведба на бројни поп-хитови и евергрин песни од познати домашни и светски автори.