Во знак на одбележување на Европската недела на мобилност, Општина Карпош се приклучи на настанот „Електромобилност 2.0“, кој се одржа на платото на ФЕИТ и Машинскиот факултет, во организација на здружението „Електромобилност“.

Граѓаните можеа да ја видат изложбата на електрични и хибридни возила и други алтернативни превозни средства.

Во рамки на овој настан се одржа и панел дискусија за поттикнување на електромобилноста, на која еден од говорниците беше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.

–                    Како локална самоуправа со поставување на првото соларно дрво, направивме исчекор во сферата на електромобилноста. На Кејот на Вардар, граѓаните ќе можат да ги полнат своите електрични тротинети и велосипеди, мобилни и лаптопи. Сепак, не очекува уште многу работа. Подготвивме и брошура – План на активности за одржлива урбана мобилност на Карпош, кој ги детектира проблемите со кои се соочуваат граѓаните, како и идните активности и мерки на Општината. Потребно е значително да работиме на подобрување и прилагодување на инфраструктурата, тротоарите, патеките, за сите учесници во сообраќајот, како и за лицата со попреченост, посочи Богоев.

Општинската администрација доби и шест електрични тротинети, за службите кои почесто се на терен, сé со цел, да се намали користењето на автомобили, и полека но сигурно, да се менува возниот парк на локалната самоуправа.

На панел дискусијата стана збор и за јавниот транспорт во градот Скопје. Наскоро, главниот град ќе ги добие првите автобуси на гас, кои ќе го олеснат транспортот на граѓаните, а притоа ќе се придонесе и во заштитата на животната средина. Ова го посочи Никола Наумовски, шефот на Кабинет на градоначалникот на Град Скопје.

На панел дискусијата се обрати и градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, како и претставници од новинарската и професорската фела.

Сите ја истакнаа потребата од менување на навиките на институциите, на граѓаните и на организациите.

Само заедно може да придонесеме за намалување на аерозагадувањето, како еден од најголемите проблеми во нашата држава, беше клучната поента која произлезе од панел дискусијата.