ПОСТАВЕН Е-КОНТЕЈНЕР ВО БЛИЗИНА НА „ МАКЕДОНСКА КУЌА“ ВО КОЗЛЕ
- септември 5, 2019
- 0
Колективниот постапувач со електрична и електронска опрема и батерии и акумулатори ЕЛКОЛЕКТ , во соработка со Општина Карпош, постави нов Е-контејнер во населбата Козле, во непосредна близина на ресторанот „ Македонска Куќа“.
Овој Е-контејнер е предвиден за правилно одложување на електричен и електронски отпад чија најголема димензија не надминува повеќе од 50 cm. Покрај ова, Е-контејнерот е наменет и за отпадни батерии кои наоѓаат примена во сите домашни апарати од типот АА, ААА, 9V, и сл.
Сакаме да ги потсетиме граѓаните дека за големи домашни апарати кај кои барем една од димензиите надминува 50 cm на располагање како и досега стојат двата еко магацини лоцирани во ВЛАЕ 2 до игралиштата кај мостот „Обединети нации“, и еко магацинот во собирниот центар на КХС во Карпош 3, позади бензинската станица на Макпетрол кај С.Ц.„ Борис Трајковски“.
Со поставување на овој контејнер (кој е прв од ваков вид во нашата држава) се воспоставува уште едно собирно место за електричен и електронски отпад како и за отпадни батерии на територијата на Општина Карпош. Се надеваме дека со истиот ќе им овозможуваме на жителите од Општина Карпош поедноставно, полесно и на правилен начин да се ослободат од својот електричен и електронски отпад и отпадни батерии со што заеднички ќе придонесеме кон реализирање на заедничката цел – зачувување на животната средина.