Делегација од проектот EXCITE (European Energy Award in Central and Eastern Europe), деновиве оствари работна посета на Општина Карпош, при што се сретна со стручните лица од Секторот за екологија и енергетска ефикасност од локалната самоуправа. Станува збор за проект од програмата на ЕУ „Хоризонт 2020“, кој има за цел да ја стимулира имплементацијата на локални енергетски и климатски планови, да привлече приватни инвеститори и да го промовира јавното претприемништво. Инаку, функционалната компонента на проектот успешно да ги балансира јавните ресурси во 15 пилот општини во Бугарија, С. Македонија, Романија, Словачка и Украина.

На состанокот присуствуваа и гости од повеќе земји од Централна и Источна Европа (Унгарија, Бугарија, Романија, Украина, Словенија, Германија, Франција, Швајцарија и Словачка). Претставниците од Секторот за екологија и енергетска ефикасност при Општина Карпош ги презентираа активностите и проектите кои општината ги спроведува за унапредување на енергетската ефикасност во јавните објекти, но и во колективните станбени згради. Во рамки на посетата, учесниците направија обиколка на неколку општински енергетски ефикасни објекти кои користат системи на греење со термални пумпи.

На организираната работилница учесниците се запознаа и со алатките создадени во рамки на  проектот „Replace“, со кои едноставно и брзо се пресметува енергетската ефикасност и кои можат да им помогнат на општините, но и на индивидуалните домаќинства. Поточно станува збор за практичните алатки – калкулатор, матрица за греење, како и алатка за пресметка на заштеди во енергија и средства. На состанокот се говореше и за производството на соларни панели и соларни уреди, како иновативни решенија за заштеда на енергија и намалување на влијанието врз животната средина во повеќе индустрии, како и за важноста од вклучувањето на граѓаните во овие процеси, предизвиците и начините за пошироко вклучување.

 

Во нашата држава проектот го спроведува невладината организација Хабитат Македонија, во кој локалната самоуправа учествува како пилот општина.