Од десната страна на популарната „коцка“, на влезот од ТЦ „Лептокарија“, во населбата Карпош 3, ќе биде поставено ново хортикултурно катче со систем за наводнување, како и клупи за седење, реквизити и подлога.

 

Уредувањето на овој простор ќе го финансира и реализира „Халкбанк“ АД Скопје, согласно нивната заложба за подобрување на животната средина, под платформата „Халкеко“.

 

Овој зелен корнер е лоциран во централниот дел на „Лептокарија“, каде што фреквенцијата на граѓани е поголема, а местото претставува омилен дел за рекреација на жителите од најблиските згради и живеалишта. Со уредувањето на просторот, карпошани ќе добијат ново катче за маалска дружба и рекреација.

 

Општина Карпош продолжува со постојаното раззеленување на јавниот простор, а добро е што нашата заложба за чист и зелен Карпош е препознаена и од приватниот сектор, од општествено одговорни компании кои се придружуваат на иницијативата.