Вчеравечер, на игралиштето „Сокол“, во ООУ „Христијан Тодоровски Карпош“ заврши 17 – то издание на Меморијалниот турнир во мал фудбал „Оливер Соколов – Сокол“.
После пауза од пет години, карпошани и спортската јавност, повторно уживаа во овој едномесечен спортски настан, кој е симбол на маалскиот и меѓугенерациски соживот во Карпош.
Првото место го освои тимот „Гостилница Кај Џек“, второто место припадна на „Андринико“ додека третото место го освоија „Codeart Fox“. Во јуниорскиот дел победи екипата на ФК „Вардар“ кои во финалето го совладаа тимот на ФК „Работнички“.
Меморијалниот турнир се одигра на реконструирано игралиште, а главен покровител беше Општина Карпош.
Пред финалниот меч на турнирот, пред присутните се обрати и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев.
- Мило ми е што после пет години го рестартиравме турнирот кој е симбол на маалската дружба во нашиот Карпош. Обновата на игралиштето и на турнирот беше дел и од мојата изборна програма. Честитки до сите учесници кои покажаа спортски дух и фер плеј. Благодарност и до Здружението на граѓаните за организација на турнирот, до сите вклучени спонзори, како и до граѓаните кои живеат во оваа околина и имаа разбирање за спортските активности, рече Богоев.
По завршување на финалето, се доделија и наградите за најдобар голман (Емил Јоцевски – „Андринико“), најдобар млад играч (Димитриј Поповски, „Форца – Толту“) и најдобар играч (Виктор Димков – „Гостилница Кај Џек“).
На овогодинешниот турнир учествуваа 48 екипи од 9 градови. Во изминативе месец дена учество земаа 480 натпреварувачи, беа одиграни 151 натпревар, се постигнаа близу 715 голови, а на трибините беа присутни околу 35.000 гледачи.