Делегација од Општина Карпош предводена од градоначалникот Стевчо Јакимовски, присуствуваше на свеченоста по повод одбележување на 80 годишнината од основањето на Црвениот крст на РСМ, која се одржа вчеравечер во Музејот на македонската борба за самостојност. Во рамки на манифестацијата, градоначалникот Јакимовски во име на локалната самоуправа прими јубилејна плакета, за посебен придонес на Општината во остварување на целите и задачите на Црвениот крст на РСМ.

            Во оваа пригода, првиот човек на локалната самоуправа им ја честиташе  осумдецениската работа на оваа национална организација, при што им посака остварување на уште многу успешни проектни активности.

  • Чест ми е да бидам дел од одбележувањето на овој јубилеј, а од друга страна сум среќен што токму Општина Карпош го добива ова значајно признание, кое што е доказ за нашата долгогодишна заедничка поддршка и соработка. Во таа насока Општината  како општествено одговорна институција, изгради традиција на одржување на крводарителски акции уште од 2004 година, и е една од водечките локални самоуправи по број на донирани крвни единици. Фактот што нашата општина е изградена како резултат на меѓународна солидарна помош, ни беше силен мотив низ годините да организираме бројни хуманитарни настани за поддршка и помош на нашите соседи кои се наоѓаат во потешка материјална состојба – посочи Јакимовски.

            Тој пред присутните напомена дека Општина Карпош организираше помош и во периодот на ковид-пандемијата, како и за време на природните непогоди кои ја зафатија нашата држава и земјите од регионов.

  • Во овој контекст ќе ја споменам и финансиската помош за настраданите лица во катастрофалниот земјотрес кој ги зафати Турција и Сирија. Општина Карпош е правата локална самоуправа која располага со сопствена единица за заштита и спасување, составена од вработени лица од Општината кои поседуваат соодветни сертификати, како и теоретски и практични знаења за спасување во вода, евакуација на население при природни непогоди – истакна Јакимовски.

Првиот човек на Општината потсети дека во соработка со Црвениот крст, локалната самоуправа од Карпош ги воведе социјалните услуги какви што се „Итно копче за пензионери“, бесплатен транспорт на стари и изнемоштени лица и лица кои имаат потреба од придружник односно негувател или личен асистент, како и социјални услуги за помош на стари лица и лица со попреченост.

  • За крај сакам само да ви порачам дека Општина Карпош секогаш ќе стои цврсто на линијата на хуманоста и солидарноста и ќе работи на подобрување на животот на нашите сограѓани – додаде Јакимовски.