Според предвидените програмските активности на Секторот за екологија и енергетска ефикасност при Општина Карпош, деновиве пристигна дел од техничката опрема која ќе биде предадена за употреба на општинските служби, кои се задолжени за одржување на јавната хигиена и зеленилото на територија на локалната самоуправа. По тој повод денеска, градоначалникот Стевчо Јакимовски одржа брифинг за новинарите, каде што ги информираше за деталите на оваа јавна набавка.

 

  • Хигиената во општина Карпош е подигната на највисоко можно ниво, а во рамките на тоа влегува и одржувањето на зеленилото. Бидејќи досега работевме со стара и дотраена опрема, набавивме комплетно нова опрема во вредност од 1.800.000 денари. Тоа значи, 15 тримери за косење на зеленилото, три нови трактори – косилки, четири дувалки за лисја, две телескопски пили, една пила за сечење на гранки, како и една пила за поткастрување на грмушки и жива ограда – информираше Јакимовски.

 

Тој посочи дека на овој начин, општинската комунална служба ја координира својата активност со екипите на „Паркови и зеленило“ од Град Скопје, со оглед на тоа што јавното претпријатие не може во целост да ги сервисира потребите на граѓаните на Карпош, бидејќи се работи за поголема територија.

 

  • Имајќи во предвид дека овој и минатиот месец беа Велигденските, Бајрамските и првомајските празници а притоа временските услови беа непогодни за работа, токму од тие причини се соочивме со бујна вегетација во рамки на јавните површини. Отсега, очекуваме дека ќе се зголеми ефикасноста од аспект на хигиената, како и одржувањето на зеленилото ќе се стави апсолутно во оние рамки во коишто доликува на Општина Карпош – додаде градоначалникот Јакимовски.