Во целост ви ја пренесуваме реакцијата од градоначалникот Јакимовски 

 

До

Mинистер за спорт и млади

г-дин Борко Ристовски                                                                                               

ПРЕДМЕТ: Известување

Господине министре,

Во врска со одлуката бр. 50-4023/7 од 17.06.2025 објавена во Службен весник на РСМ број 123 од 19.06.2025 година ве информираме следното:

Вие сте министер на овој ресор една година. Да ве потсетам минатата година имавме телефонски разговор на мое барање во кој Ве информирав дека спортската сала Наум Наумовски Борче – Партизан 4, е реконструирана со средства на Агенција за млади и спорт и извршено е примопредавање, но истата нема радијатори за греење, не е поврзана на топловод, нема ниту бојлери во соблекувалните, нема клупи, закачалки, а во спортската сала нема никаква опрема (рипстоли, ниска греда, висока греда, коњ со рачки, коњ без рачки, мал коњ, отскочни даски, душеци, заштитни мрежи, и друга опрема). Побарав од вас дали тоа ќе го направите. Вие рековте дека од претходното раководство ви оставиле вакви недостатоци, но ќе видите.

Потоа, телефонски ве побарав уште три пати. Не ми одговоривте.  За ова Ви испративме и неколку дописи. И на нив не одговоривте. Во меѓувреме, салата покажа недостатоци, на одредени делови протекуваше и ние распишавме тендер за санација на недостатоците како и за набавка на опрема. Откако сето ова го средивме Вие ни праќате меил во кој не известувате дека ни ја одземате салата.

Господине министре,

Вие сте поранешен репрезентативец на Македонија. Тоа претпоставува од Вас многу поодговорно однесување како и поцивилизиран начин на комуникација со локалната самоуправа. Ова ваше однесување е безобразно, простачко, насилничко и не соодветствува на функција министер во Влада на Република Македонија.

Вие не можете да правите што сакате. Има правила на однесување и ред во функционирањето на локалната, извршната, законодавната и судската власт. Впрочем вие, Владата, овој објект го имавте на раководење и го дадовте на Рафет Муминовиќ кој целосно го девастира, а објектот беше во одлична кондиција. Повторно ли имате некој Рафет Муминовиќ? Напротив, Општина Карпош, секој објект што го добива на управување од владата на Република Македонија согласно законот за локална самоуправа, училишта, градинки, месни заедници, општински административни објекти, сите се многукратно унапредени и од 2010 година наваму во истите е вложени повеќе од 8,5 милиони евра.

Општина Карпош кон секој објект со кој таа раководи се однесува совесно и одговорно и го става во служба на граѓаните и од тие причини, спремен сум да ви го дадам следниот одговор:

Нема да извршиме примопредавање, не сакаме да извршиме примопредавање и не се сложуваме да го одземете објектот Партизан 4 затоа што немате за тоа никаква причина. На оваа одлука ќе ви се спротивставиме.

 

Со почит,

       ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА КАРПОШ

 Стевчо Јакимовски