ЈАКИМОВСКИ: ЛЕГАЛИЗАЦИЈАТА НА ЕДЕН ОД ОБЈЕКТИТЕ ЗА КОЈ БЕВ ОСУДЕН ЈА ВОДЕЛ АДВОКАТ ПАНЧЕ ТОШКОВСКИ
- мај 15, 2025
- 0
Легализацијата на еден од објектите за кој бев осуден, ја водел како полномошник, адвокат Панче Тошковски, човекот кој заедно со Миле Јанакиевски беше дел од тимот што го изготвуваа законот за легализација, изјави денеска градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски на прес конференција на која презентираше нови ексклузивни докази кои ја потврдуваат неговата невиност во осудителната пресуда.
– Овие докази се однесуваат на постапката водена за легализација на четирите објекти кои се наоѓаат покрај „Илинденска“. Што е интересно? Интересно е што легализацијата на еден од овие објекти ја водел како полномошник адвокат Панче Тошковски. Урбанистичката согласност ја подигнал адвокат Панче Тошковски, а на пресметката на комуналиите потпишан е Александар Јанакиевски. Тој е сега раководител на сектор за урбанизам во Гази Баба. Претходно бил раководител на сектор за урбанизам во Град Скопје, а претходно раководител за урбанизам во општина Центар, рече Јакимовски.
„Господинот адвокат, сега министер Панче Тошковски, не го потенцирам за да го инкриминирам, напротив. Сакам да кажам дека господинот Тошковски ја познава оваа материја одлично“, нагласи градоначалникот и додаде:
-Тој не би поднел барање за легализација како полномошник на сопственикот на ДОТ Мебел, ако не е сигурен дека објектот има право на тоа, од причини што господинот Панче Тошковски заедно со Миле Јанакиевски учествуваше во тимот што го изготвуваше законот за легализација. И она што е уште најинтересно, полномошникот Панче Тошковски до нас има доставено изјава заверена на нотар од страна на сопственикот на објектот дека објектот го поседува повеќе од 20 години и дека ПОТЕНЦИРАМ објектот е дивоградба!, Значи сега имаме мртва трка меѓу оној што го чита законот и оној што го правел законот. И сега треба да погодиме од прилика кој подобро ја познава оваа материја. Ова е уште еден доказ дека во моментов оваа пресуда е само политичка и ништо повеќе и ова само покажува дека кога е во прашање струка тогаш адвокат Панче Тошковски совесно си ја завршил својата работа бидејќи објектот имал право на легализација, рече градоначалникот Јакимовски.