ФИНАНСИСКА ПОМОШ ЗА ОШТЕТЕНИ ПОКРИВИ ВО КАРПОШ
- април 16, 2020
- 0
На барање на станарите за санација на оштетените покриви, локалната самоуправа со еднократна финанансиска помош ќе им помогне на станарите од бул. Партизански одреди бр. 127 влез 1 ( 200.000 денари), влез 2 ( 250.000 денари), влез 3 ( 200.000 денари), како и влез 4 ( 200.000 денари). На станарите од бул. Партизански одреди бр. 109 ќе им биде исплатена финансиска помош од 30.000 денари, додека на ул. Разловечко востание бр. 18 и бр. 4, влез 7 ќе им бидат исплатени 25.000, односно 11.000 денари.
Ова беше усвоено на денешната седница со одлука на советниците на Карпош, а во врска со неодамнешното големо невреме коешто го зафати Карпош.
На жителите на ул. Шекспирова бр.1 , влез 3 ќе им бидат исплатени 150.000 денари, а на граѓаните од ул. Струма бр. 1 ќе им бидат доделени 12.000 денари. На карпошани од ул. Вич бр. 22 ќе им се исплатат 25.000 денари.
Градоначалникот Стефан Богоев пред советниците ги презентираше мерките и активностите кои локалната самоуправа ги презема за заштита од коронавирусот: миење и дезинфекција на улици и јавни површини, дезинфекција на влезови, иницирање на е-настава, мобилни тимови за поддршка на изнемоштени лица и др.
Богоев се заблагодари до сите советнички групи, но и до опозицијата, до ВМРО-ДПМНЕ, за фактот што преку предлози и идеи придонесоа во борба со коронавирусот. Конструктивноста на локално ниво е важна за граѓаните, затоа што сега одговорноста е кај секој еден од нас, рече градоначалникот на Карпош.
Членовите на Советот на Општина Карпош, на седницата ја изгласаа и Одлуката за давање на согласност за времено отстапување на користење на движни ствари-патнички моторни возила на Општина Карпош на Полициската станица од општа надлежност Карпош. Станува збор за две возила марка Опел Мерива и Спарк Шевролет. Возилата ќе бидат отстапени за потребите на полициската станица на територијата на локалната самоуправа во време на вонредната состојба со пандемијата од корона вирусот. Исто така, во иднина, доколку има потреба, советниците изгласаа и Одлука за одржување на он-лајн седници на Советот во вонреди услови предизвикани од пандемијата. Општина Карпош има капацитети за одржување на ваков вид на седници.
Денеска, советниците ја донесоа и одлуката Советот да ја прифати донацијата од „Санмарти“ ДОО, увоз-извоз Тетово, од 70 литри концентрирано средство за дезинфекција на површини Bactosal (Alkaloid), 500 парчиња заштитни маски за повеќекратна употреба (100 % памук, антибактериски медицински материјал), 20 парчиња заштитни наочари со поликарбонатни стакла и 500 пара ракавици за еднократна употреба. Донираните средства се во вкупен износ од 35.000 денари.
Општина Карпош, со средства од 50.000 денари обезбедени од буџетот на локалната самоуправа за поддршка на мобилни тимови на територијата на град Скопје, ќе му помогне на Црвениот Крст, кои ќе им даде поддршка на ранливите категории на граѓани, граѓани во самоизолација и дополнително, со 30.000 денари помош за реализација на акцијата за доделување на 30 пакети храна- хуманитарна помош, кои ќе бидат доделени на социјалнозагрозени семејства од Карпош.