УЧИЛИШНИТЕ ПСИХОЛОЗИ ОД КАРПОШ СЕ СТЕКНАА СО СЕРТИФИКАТИ
- декември 18, 2023
- 0
Денеска во ООУ „Јан Амос Коменски“ беа доделени 15 сертификати на училишните психолози од основните училишта на територија на Карпош, коишто учествуваа на дводневната обука на тема „ Психо – социјална поддршка на децата во училиштата“. Обуката ја реализираше лиценцираниот психолог и психотерапевт, проф. д-р Драгана Батиќ, а основна цел беше стручните лица да се запознаат со пошироката примена на методи и техники, за психолошка поддршка и интервенција во криза, како би се намалиле последиците од стресните настани во училишната средина.
Со оваа стручна обука во чии рамки беа спроведени и четири работилници, беа постигнати и неколку специфични цели. Имено, меѓу најважните аспекти на обуката беа запознавањето со реакциите на стрес кај децата на различни возрасти, разбирањето на модалитетите на соочување со стресот, справување и пружање на помош на основците по доживување на некој стресен настан, како и методологија на спроведување на психолошки дебрифинг.
Општина Карпош и понатаму ќе ги поддржува проектите од областа на образованието, со кои се подигнува свеста кај сите чинители во воспитно-образовниот процес. Токму затоа раководителката на Одделението за образование Емилија Арсовска ги врачи сертификатите на стручните соработници во училиштата.