Основците од „Владо Тасевски“ и учениците од збратименото училиште Гесамтшуле Дуизбург-Мите од Германија, во придружба со наставниците од двете училишта, денеска беа во пријателска посета на Општина Карпош. Оваа средба се одржа како дел од образовната размена помеѓу двете збратимени училишта, која се реализира од 2025 година. Станува збор за самостоен меѓународен – образовен проект, кој минатата година го иницираа четири наставнички од основното училиште „Владо Тасевски“ од општина Карпош.

                Во рамки на општинската зграда, градоначалникот Сотир Лукровски, Секретарот на Општината доц. д-р Мирјана Пехчевска Поп-Илиева и претседателот на Советот на Општина Карпош, Христо Саракинов ги пречекаа учениците и наставниците од Карпош и Дуизбург.  Во оваа пригода гостите направија обиколка на административниот објект, при што одблизу се запознаа со начинот на кој функционира локалната самоуправа. Веднаш потоа беше одржана работна средба со учениците и наставниците во Салата во која се одржуваат седниците на Општинскиот Совет. На состанокот присутните поведоа дискусија во врска со улогата и поддршката која ја нуди Општина Карпош во основното образование, за имплементирање на процесот на дигитализација и за позитивните искуства и практики кои произлегуваат од меѓународната училишна размена.

                Во насока на поавтентичен пристап кон едукативната пракса, административците од Карпош организираа симулација на седница на Советот, во која директно беа инволвирани учениците од збратимените училишта. На овој начин основците непосредно учествуваа и учеа за улогата и значењето на Општинскиот Совет, за соработката со органите на локалната самоуправа и за вклучување на граѓаните во процесот на креирање на локалните политики.

                Инаку, оваа иницијатива претставува важен чекор во зајакнување на меѓукултурната соработка, надградување на јазичните познавања и вештини, како и создавање на пријателски врски меѓу младите Македонци и Германци. Во тој контекст, денешната посета овозможи учениците и наставниците да разменат драгоцени искуства, да учат едни од други и да градат пријателства во духот на европската соработка и разбирање, јакнејќи ги на тој начин универзалните граѓански вредности.