УСВОЕН КВАРТАЛНИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА ИЗВРШУВАЊЕ НА БУЏЕТОТ
- април 27, 2023
- 0
Во рамки на 26-тата седница на Советот на Општина Карпош која се одржа денеска во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје, советниците расправаа и полноважно одлучуваа по 11 точки кои се најдоа на дневниот ред. Со мнозинство гласови, членовите на Советот го усвоија Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Карпош за извештајниот период (кумулативно), за квартал од 1 јануари до 31 март 2023 година.
Имено, Секторот за финансиски прашања од Општина Карпош, врз основа на член 32 од Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа, изработи периодичен финансиски извештај кој го содржи образецот К1, односно горенаведениот Квартален извештај. Во колоната План се прикажани вкупните приходи кои се планирани со Буџетот за 2023 година во износ од 1.135.856.000 денари, а во колоната Реализирано се прикажани остварените приходи за првиот квартал кои изнесуваат 254.986.238 денари. Притоа во Буџетот на Општината, планирани се приходите во износ од 519.372.000 денари, додека пак за првиот квартал е остварена реализација на приходите во висина од 118.744.100 денари.
Со истата динамика, советниците од Карпош ја поддржаа и Одлуката за измена на распоредот на средства на Буџетот на локалната самоуправа за 2023 година. Измени се вршат во колоната на Буџет, во програмата ЕОО Општинска администрација каде што се врши намалување на контото Осигурување на недвижности и права во износ од 1.300.000 денари, потоа контото Услуги за копирање и печатење во висина од 1.000.000 денари, како и контото за Други оперативни расходи во износ од 1.000.000 денари.
Оттука, средствата се прераспределуваат кон контото за Поправка и одржување на лесни возила во истата програма, во висина од 1.300.000 денари, како и во програмата за Поддршка на локалниот економски развој каде на контото за Други трансфери, износот се зголемува за 2.000.000 денари.
Средствата од соодветната програма се намалуваат со цел да се обезбедат дополнителни финансиски средства за поправка и одржање на лесни возила, поради зголемените трошоци за попрака на возилата од постојаниот возен парк на општината. Во овој случај, исто така се зголемуваат и средствата во програмата за Подршка на локалниот економски развој, кои се наменети за субвенционирање на полнолетните жители од Карпош, за нивно посетување на обука за теоретски и практичен дел при полагање на возачки испит.
Во таа насока, Советот ја поддржа и Програмата за активностите на Општина Карпош во областа на развојот за 2023 година, поточно за субвенциите за млади лица од Карпош за полагање на теоретски и практичен дел за добивање на возачка дозвола (Б категорија). Досегашната финансиска рамка за оваа намена изнесуваше 5.000.000 денари, но со прераспределбата на средства, финансиите се зголемуваат на 7.000.000 денари.
Советниците ја изгласаа и Предлог – Програмата за изменување и дополнување на Програмата за урбанистичко планирање за 2023 година. Предметната измена и дополна на Програмата за урбанистичко планирање на Општина Карпош за 2023 година се носи во интерес на граѓаните на Општина Карпош и стопанските субјекти, што значи дека истиот е од значење на локалната самоуправа – Општина Карпош. Правниот основ за предметниот план е член 39 од Законот за урбанистичко планирање, (кој е објавен во Службен Весник на РСМ бр. 32/20”) член 36, став 1, точка 1 од Законот за локална самоуправа.
Советот даде поддршка и за трите точки од денешниот дневен ред со кои се официјализираа Одлуките за прифаќање на движни ствари – таблет компјутери, кои во 2021 и 2022 година Владата на РСМ преку Министерството за образование и наука и ги додели на Општина Карпош на трајно користење без надомест. Станува збор за 14 таблети, кои локалната самоуправа од Карпош потоа ги распореди во трите основни училишта „Аврам Писевски“, „Братство“ и „Лазо Трповски“.
На предлог на градоначалникот Стевчо Јакимовски беше разгледана и План програмата за развој на Општината за 2023-2025 година, во делот на развојната програма за реконструкција на јавното осветлување, која по кусо образложување беше едногласно поддржана од присутните членови на Советот на Општина Карпош.