УРБАНИТЕ ЗАЕДНИЦИ – ПРВАТА ВРСКА МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ И ОПШТИНА КАРПОШ
- октомври 20, 2026
- 0
Денес, градоначалникот Сотир Лукровски одржа средба со вработените во урбаните заедници на Општина Карпош, на која се разговараше за нивното секојдневно работење, надлежностите и можностите за унапредување на комуникацијата со граѓаните.
На средбата беше истакната важноста на урбаните заедници како прва точка на контакт со граѓаните, преку која нивните потреби, барања и проблеми навремено се евидентираат и се проследуваат до надлежните општински служби.
Општина Карпош ја остварува непосредната комуникација со граѓаните преку своите 14 урбани заедници, кои претставуваат значајна алка во секојдневното функционирање на Општината.
Вработените во урбаните заедници се секојдневно во директна комуникација со граѓаните, со цел навремено да ги препознаат нивните потреби и да придонесат за поефикасно решавање на проблемите.
Во секојдневната работа тие:
– ги евидентираат и проследуваат барањата и проблемите на граѓаните;
– ја следат состојбата со хигиената на јавните површини и пријавуваат неправилности;
– ги регистрираат и проследуваат пријавите поврзани со уличното осветлување;
– во соработка со Одделението за даноци им помагаат на граѓаните при подигнување на решенијата за данок на имот;
– дистрибуираат информативни материјали за активностите, услугите, проектите и програмите на Општина Карпош;
– организираат и учествуваат на средби со граѓаните, слушајќи ги нивните предлози и иницијативи;
– обезбедуваат информации, насоки, поддршка и помош во рамките на надлежностите на локалната самоуправа.
КАДЕ МОЖЕТЕ ДА СЕ ОБРАТИТЕ?
Граѓаните можат секојдневно да остварат контакт со урбаната заедница на која ѝ припаѓаат:
Близината до граѓаните е основа на доброто локално управување.
Урбаните заедници не се само административна точка на контакт. Тие се директна врска меѓу граѓаните, теренот и Општина Карпош – место каде што секојдневно се слушаат потребите на граѓаните и се воспоставува комуникација со надлежните општински служби.









