Вечерва, во организација на Општина Карпош по повод одбележување на 48 годишнината од формирањето на локалната самоуправа во амфитеатарот на Универзитетот Скопје се одржа трибина за женското здравје. На настанот говореше д-р. Катерина Станкова Нинова, гинеколог која има над 20 години професионално искуство во својата струка. Фокусот на трибината беше насочен кон образложување на практични совети за менструалното здравје на жената. Во таа насока, стручното лице напомена дека адолесцентките каде што првиот менструален циклус треба да настане до нивната 16година, треба да се заштитат од несакана бременост, но и од евентуални сексуално преносливи инфекции. Според неа, вакцината за ХПВ заштитува од најризичните ХПВ типови и се препорачува за двата пола, а во репродуктивната доба само користењето на кондоми штити од сексуално преносливи инфекции, додека пак абортусот не е метода за заштита од бременост. Докторката посочува дека за менопаузата се утврдува кога една година жената немала циклус, еднаш годишно треба да се направи ЕХО преглед. Таа предупреди дека во ваквите случаи неопходно е да се направи колоноскопија по 40. година од животот бидејќи во постменопауза се зголемува ризикот од зголемен крвен притисок, дијабетес, метаболичен синдром и друго. Докторката советува за т.н. дензиометрија (преглед за утврдување на остеопороза). Спорред некои истражувања, само 14% од жените во земјава, кои се во врска или во брак, користат контрацепција која проверено штити од непланирана бременост. На крајот од обраќањето се разви дискусија каде присутните поставуваа прашања во врска со темата.

Овој настан е дел од планираните активности од Програмата за еднакви можности меѓу жените и мажите за 2024 година.