Вкупно 64 основци од Карпош добија осуммесечни стипендии кои традиционално секоја година ги доделува Општината на своите најталентирани ученици и спортисти. На денешната манифестација која се одржа во спортската сала на ООУ „Јан Амос Коменски“, присуствуваа и претставници од Секторот за дејности од јавен интерес, одделенијата за образование, култура и спорт, како и градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода им ги врачи решенијата за стипендии на најталентираните ученици и спортисти.

  • За нас е важно да знаете дека ако учите посветено и вложувате труд, секогаш Општина Карпош тоа ќе го вреднува. Јас ви посакувам да се трудите и самостојно да успеете без ничија помош. Ве охрабрувам да продолжите да учите, да го збогатувате своето знаење, бидејќи на тој начин создавате фундамент за надоградување во животот. Очекувам од вас, еден ден да станете добри доктори, познати инженери, писатели, уметници, со еден збор, да бидете примерни граѓани на нашата држава – истакна Јакимовски.

Поточно, 32 талентирани ученици добија осуммесечни стипендии од кои 23-ца влегуваат во прва категорија и тие ќе добиваат месечна стипендија во висина од 3.000 денари, додека пак девет ученици ги исполнија критериумите за добивање на стипендија од втора категорија чија месечна вредност изнесува 2.500 денари.

Исто така 32 талентирани спортисти од десетте основни училишта во Карпош добија осуммесечни стипендии, од кои 29 од нив се класифицирани во прва категорија, што значи дека ќе добиваат месечен паричен надоместок во висина од 3.000 денари. Тројца талентирани ученици – спортисти ќе добиваат стипендија од втора категорија, која изнесува месечно по 2.500 денари.

 Во рамки на денешната манифестација во пресрет на 47 – миот роденден на Општина Карпош (3. ноември), градоначалникот Јакимовски им ги врачи наградите и на шесторицата  основци кои победија на литературниот конкурс (за одделенска  и предметна настава), кој се одржа на тема „Општината од моите соништа“. Локалната самоуправа ги награди прворангираните со парични средства во висина од 4.000 денари, второрангираните ќе добијат 3.000 денари, додека пак треторангираните освоија по 2.000 денари.