Од денеска па се до крајот на учебната година, спортистите од десетте основни училишта на Општина Карпош, ќе се натпреваруваат во рамки на 14-тите по ред училишни спортски лиги. Системот на игра вклучува три спортови, и тоа: фудбал, кошарка и одбојка за девојчиња.

Училишните спортски лиги ги организира Одделението за спорт и култура при Општина Карпош, а истите се финансирани од локалната самоуправа, со цел да се негува спортскиот дух кај младите ентузијасти и да  го развиваат својот спортски талент. Неодамна обновеното игралиште ,,Сокол”, ќе биде подлогата каде што ќе се одиграат неколку спортови, а токму тука, на денешното отворање на ученичките спортски лиги, се обрати и првиот човек на општината, Стевчо Јакимовски.

– Драго ми е што игралиштето ,,Сокол” е целосно исполнето со деца, кои во иднина се гледаат како врвни спортисти. Ние, како Општина, ги препознаваме најдобрите и ги наградуваме секоја година, па така и оваа. Победниците во трите спортови, ќе бидат наградени парично, а најголемата награда за нив ќе биде стипендијата, која секоја година Општината им ја овозможува на најдобрите ученици спортисти и талентирани ученици. Се надевам дека наредните неколку месеци ќе гледаме вистинско спортско натпреварување и високи резултати. – заврши Јакимовски.

 Игралиштето „Сокол“ денеска беше исполнето до последно место. Учениците и нивните наставници по физичко образование со нетрпение ги очекуваат новите натпревари, навивањето на трибините, како и новите другарства меѓу учениците кои се остваруваат, меѓу другото, и  преку спортско „вмрежување“ на училиштата.