Во изминатиов период на пандемија од коронавирусот, Општина Карпош работи на интензивна заштита на здравјето на граѓаните, спроведувајќи ги мерките и препораките од надлежните институции, но и креирајќи дополнителни активности за поголема превенција на жителите.

Сите граѓани, институции, организации и политички партии се обединети, за, колку што е можно, побрзо да се надмине оваа кризна состојба.

Сега не е време за политички надмудрувања, туку за соработка, подадена рака и одговорност, беше посочено на денешната средба на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, претседателот на Совет на Општина Карпош Андреј Манолев и координаторите на советничките групи на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, Филип Даскаловски и Тони Јаревски.

 

Градоначалникот Богоев го поздрави конструктивниот пристап на опозицијата, на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, со тоа што доставија повеќе предлог мерки и активности до локалната самоуправа.

Заеднички беше заклучено дека Општина Карпош сериозно е посветена на постојани активности за заштита на граѓаните од коронавирусот. Темелно и секојдневно се мијат и дезинфицираат улиците и урбаната опрема, во соработка со Црвениот крст се организираат мобилни тимови за помош на ранливи групи на граѓани, тековно се информираат граѓаните и заедниците на сопственици на станови за новите мерки и препораки.

 

На средбата се зборуваше и за ослободување на угостителските објекти од наплата на такса за урбана опрема, проблематика, за која, како што информираше градоначалникот, се разговарало и на координаците во Град Скопје.

 

Богоев нагласи дека се разговара и за дополнителна механизација (цистерна) за миење и дезинфекција на поголемите улици во Карпош, со што, ќе се зголеми бројот на 3 активни цистерни кои ќе мијат и дезинфицираат улици. Стана збор и за поставување на дезинфекциони бариери, на влезните и излезни сообраќајници од Општина Карпош, за да се обезбеди дезинфекција за моторните возила кои циркулираат во овој дел од Градот.

 

Присутните се заложија за постојана и тековна меѓусебна комуникациија и координација, во врска со актуелната состојба на Covid – 19. Сите ги ставија на располагање своите капацитети и ресурси за  надминување на оваа криза.