СООПШТЕНИЕ
- март 23, 2022
- 0
Почитувани,
Ве информираме дека градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски одби да ја потпише Одлуката за склучување договор со приватната агенција за вработувања Декра Арбајт Скопје за давање услуги за привремено вработување.
Причините се следни:
На 07.02.2022 година објавена е јавна набавка бр 0295/2022 за услуга за привремени вработувања преку Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН). Од извештајот за текот на е-аукцијата констатирано е дека ниту еден од шесте пријавени економски оператори не понудил пониска цена од првично понудената на електронската аукција, односно не учествувале во јавно наддавање.
По извршените дополнителни консултации со учесниците во јавната набавка, има основано сомневање дека првопласираната агенција Декра Арбајт Скопје вршела влијание и се договарала со други економски оператори со цел на аукцијата да не се намали цената и истата агенција да ја добие јавната набавка. Со тоа се оштетува буџетот на Општина Карпош и од тие причини градоначалникот Јакимовски нема да ја потпише јавната набавка.
Со ова грубо се нарушува конкуренцијата, што е спротивно на законските прописи и не е во духот на пазарното стопанство, а истите дејствија законот за заштита на конкуренција ги санкционира. За истото ќе бидат известени надлежните органи.
Со почит,