Општина Карпош ги известува граѓаните кои претрпеа материјална штета од силното невреме што го зафати подрачјето на Општина Карпош на 21 јули 2026 година, дека е во тек приемот на барања за пријавување на настанатата штета. Постапката за проценка и надомест на штетата ќе се спроведува во соработка со Владата на Република Северна Македонија и Градот Скопје.
 

Образецот за пријавување на штета може да се подигне во архивата на Општина Карпош, а истиот е достапен за преземање на следниот линк:
 
Пополнетиот образец, заедно со потребната документација, се поднесува во архивата на Општина Карпош секој работен ден од 7:30 до 15:00 часот, најдоцна во рок од 30 дена од денот на настанувањето на штетата. Кон барањето задолжително се приложуваат следниве документи:
– Фотокопија од важечка лична карта или патна исправа,
– Фотокопија од имотен лист, како доказ за сопственост,
– Фотографии од локацијата на кои е видлива настанатата штета, и
– Записник од Министерството за внатрешни работи за настанатата штета.
 
Граѓаните кои веќе поднеле барање за надомест на материјална штета од невремето, во наредниот период ќе бидат контактирани од страна на општинските служби, со цел усогласување и дополнување на доставената документација согласно Образецот за пријавување на штета од невреме.