СООПШТЕНИЕ
- март 19, 2022
- 0
Комисијата за урбанизам, и стручните служби на Општина Карпош се згрозени од енормното количество на лаги искажани во соопштението на советничката група на Левица – Карпош кои без ни малку одговорност и обврска кон граѓаните, наместо да ги информираат, ги дезинформираат дека со деталниот план за Влае 2 биле вцртани објекти на државно земјиште, дека биле зголемени висини, дека наводно било намалено зеленилото, и што уште не…
Комисијата за урбанизам и стручните служби на Општина Карпош, наместо 10 дена јавна анкета, како што е согласно законот, во интерес на граѓаните на Влае 2 го стави на увид урбанистичкиот план 30 дена. Целта е населението од овој дел на општината во мирна атмосфера во подолг временски период да може да ги анализира сите детали, а особено оние што имаат имот во овој дел на општината како и оние што таму живеат, но и да имаме доволно време, да ги објасниме лагите на поединци и политички партии кои се обидуваат на најдолен начин, со лаги, ако можат да заработат некое евтино политичко поенче.
Вистината е следнава:
- Нема ниту еден објект вцртан на државно земјиште (секој објект во овој урбанистички план е приватна сопственост или тече постапка за денационалнизација).
- Нема зголемување, туку намалување на габаритите и висините на одредени објекти, освен на маркицата на улица Сливовска каде со претходните планови било предвидено два индивидуални објекти П+2+ПК, а сега е вцртан само еден објект П+3 (наместо два, еден објект). Маркицата помеѓу улиците Адолф Циборовски и Ангел Динев е намалена со цел да се зголеми количината на зеленилото, а истата постои со два претходни урбанистички планови.
- Нема ниту еден објект вцртан во зеленило.
- Нема намалување на зеленилото, туку напротив, има зголемување на зелени површини, затоа што на местото на катната гаража која беше предвидена кај Порта Влае, помеѓу улиците Есперанто и Адолф Циборовски, со новото урбанистичко решение сега е предвидено да има парк.
- Спортските терени кој ги изгради токму Општина Карпош и кејот на реката Вардар и натаму ќе бидат едни од најубавите катчиња во Скопје без било какви измени градби или било каква инфраструктура. Урбанистичкиот план за Влае 2 се носи за да им служи на граѓаните, да можат да си го откупат земјиштето (за оние што не го откупиле), да доградат и надградат, како и да се обезбеди социјална инфраструктура (две детски градинки) во кои ќе бидат згрижени токму децата од УЗ Влае 2.
Во овој урбанистички план нема ништо спектакуларно ниту било што ново кое е спротивно на интересите на граѓаните или пак нешто што не постоело со претходните урбанистички планови. Од друга страна, сведоци сме како се носат луѓе од други месни заедници, па дури и од други општини да пополнуваат анкети листови со цел да се вознемируваат граѓаните од оваа урбана заедница и да се прикажува искривена слика на незадоволство, со што станува појасна политичката позадина зад која се кријат безидејни, некреативни, и политички субјекти кои освен хушкање и популизам не знаат како да работат за подобрување на животот на граѓаните.
Вработените во Општина Карпош ги информираат граѓаните од Влае 2 дека немаат никаква причина за загриженост. Истовремено, ги замолуваат советниците кои земаат годишен хонорар од 100.000 евра, пред граѓаните да зборуваат и да ја шират вистината, а не лаги. Со почит, Општина Карпош
Одделение за односи со јавноста
ОПШТИНА КАРПОШ