Со 14 гласови за и 7 против, Советот на Општина Карпош го изгласа Заклучокот за усвојување Информација за донесената „Одлука за престанок и за давање на трајно користење на недвижна ствар на Министерството за спорт“, од Владата на РСМ. Станува збор за Заклучок според кој Советот на Општина Карпош се противи на Одлуката на Владата, со која и се одзема спортската сала „Наум Наумовски Борче“ која беше дадена во трајно владение на локалната самоуправа.

Пред да се отвори расправа за единствената точка на дневниот ред во рамки на денешната вонредна 69-та седница, пред советниците се обрати градоначалникот Стевчо Јакимовски. Во оваа пригода првиот човек на Општината образложи дека првенствено Владата ја донела оваа Одлука без никакво Образложение, кое треба да биде составен дел на правниот акт. Тој посочи дека со Одлука на минатата Влада во 2019 година, во Агенцијата за катастар на недвижности на РСМ, спортската сала „Партизан“ е впишана дека и е дадена на трајно користење на Општина Карпош.

 

Притоа, локалната самоуправа воочи  некои недостатоци во рамки на спортскиот објект кои се од техничка природа, па затоа со повеќе Одлуки на Советот, Општината инвестираше околу 4 милиони денари со цел да ја направи функционална спортската сала „Партизан“. Притоа, Јакимовски и мнозинството советници сметаат дека во најмала рака би било коректно, Владата да ја извести Општина Карпош пред да ја донесе Одлуката за одземање на салата, бидејќи Општината со средства од граѓаните инвестирала финансии, за одржување на овој за нив култен спортски објект. Дополнително, веќе се донесени односно усвоени повеќе Одлуки од страна на Советот, со кои одредени делови од спортската сала се дадени на користење, со и без паричен надомест.

Оттука со денешното гласање на Заклучокот, Советот на Општина Карпош особено се противи на начинот на донесување на предметната Одлука и ја оценува како штетна, донесена без консултација и без претходно побарано мислење од Општината. Во таа насока, Советот како орган на Општината ги задолжува стручните служби на локалната самоуправа и градоначалникот Јакимовски, да поведат понатамошна постапка пред надлежните органи.