Денеска во Општина Карпош се одржа едукативна обука посветена на природно засновани решенија (Nature-Based Solutions) за намалување на аерозагадувањето и ублажување на ефектите од климатските промени во урбаните заедници. На обуката учествуваа претставници на општинската администрација, локални јавни институции, основни училишта, бизнис секторот и граѓански организации. Во фокус на обуката беше ставена улогата на зелената инфраструктура (дрвореди, зелени заштитни појаси, урбано зеленило, зелени кровови и дождовни градини) во подобрување на квалитетот на воздухот, намалување на ефектот на урбани топлински осторви и заштита на бидиверзитетот.  Учесниците во обуката се запознаа со концептот на природно засновани решенија, добри практики, како и со можноста за имплементирање на истите во локалниот контекст на општината.

Инаку, обуката е дел од циклусот на едукативни настани кои се реализираат во општините Карпош, Ѓорче Петров и Кисела Вода, а кои ги реализира здружените на граѓани ФЛОРАЗОН со поддршка на Амбасадата на Канада во Белград преку Канадскиот фонд за локални иницијативи (CFLI).

Во рамки на денешниот настан, градоначалникот Сотир Лукровски потпиша Меморандум за соработка со претседателот на Здружението на граѓани Центар за еколошка демократија ФЛОРАЗОН Скопје, Кирил Ристовски, со кој се обврзаа за соработка на поле на унапредување на квалитетот на животната средина преку примена на интегрирани, инклузивни и одржливи политики и мерки. Општина Карпош и здружението ФЛОРАЗОН ќе соработуваат во наредните четири години во областа на животната средина и климатската отпорност, а соработката ќе се спроведува на начин што ќе ја инволвира јаноста, општинската администрација, образовните институции, како и бизнис секторот и граѓанските организациии.

Општина Карпош ја препознава важноста од воспоставување на соработка со граѓанскиот сектор, особено во делот на заштитата на животната средина и токму затоа остануваме посветени во унапредување на квалитетот на животот на граѓаните и здравата животна средина.