СИЛНИ ЖЕНИ СО ПРЕТПРИЕМАЧКИ ДУХ – ЗА ПОГОЛЕМ БИЗНИС РАЗВОЈ НА КАРПОШ
- октомври 19, 2026
- 0
Во Општина Карпош денеска се одржа конститутивната седница на Локалниот совет за женско претприемништво, со што и официјално започнува работата на ова тело, чија цел е да придонесе кон унапредување на женското претприемништво и создавање нови можности за жените претприемачки од Карпош.
На седницата, преку демократско гласање, за претседателка на Локалниот совет за женско претприемништво беше избрана Елизабета Јамандиловска, дипломиран професор по англиски јазик и судски преведувач, со повеќе од 30 години професионално искуство во приватниот сектор. За потпретседателки беа избрани Билјана Караманолеска, со долгогодишно искуство во водењето бизниси од различни области, и Благица Цветановска, членка на Советот на Општина Карпош, со професионално искуство во приватниот сектор.
На конститутивната седница присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој ја поздрави иницијативата и истакна дека локалната самоуправа ќе биде партнер и поддршка за жените претприемачки. „Горд сум што токму во Општина Карпош се создава тело чија задача ќе биде да го поттикнува женскиот претприемачки дух и да мотивира што поголем број наши сограѓанки од приватниот сектор да се вклучат во оваа иницијатива. Верувам дека преку соработка можеме да го унапредиме женското претприемништво, но и да придонесеме кон надминување на предизвиците со кои се соочуваат жените претприемачки. Како локална самоуправа, секогаш ќе бидеме тука да обезбедиме институционална и логистичка поддршка секогаш кога тоа ќе биде потребно.
Ви посакувам успешна и плодна соработка и им честитам на избраната претседателка и потпретседателките“, нагласи градоначалникот Лукровски. Локалниот совет за женско претприемништво претставува платформа за вмрежување, соработка и размена на искуства меѓу жените претприемачки од Општина Карпош.
Преку заедничко делување, размена на идеи и иницијативи, Советот ќе работи на отворање нови можности за развој на женскиот бизнис и на идентификување и надминување на предизвиците со кои се соочува деловната заедница. На конститутивната седница беа разменети првични идеи и предлози за идните активности и приоритети на Советот, со цел негово понатамошно развивање и позиционирање како активен партнер во создавањето подобра локална бизнис-клима.
Силни жени, силен бизнис – силен Карпош.









