СЕНЗОРНА СОБА ЗА ООУ „В.Ц.ТРЕНА“ – ЕДНАКВИ ШАНСИ ЗА СИТЕ
- октомври 30, 2019
- 0
Искористените гуми за отпад, сега претворени во жардиниери, неискористената пластика, овојпат употребена со нова, оригинална намена, посебна сензорна патека од ореви и костени… Вака започна денешната посета на ООУ „Вера Циривири – Трена“, во Карпош 2.
Уште на влезот на училиштето се забележува едно ново, креативно катче, каде што сите ученици ќе можат да поминаат одреден дел од времето и да другаруваат.
Во рамки на Деновите на Општина Карпош, ова основно училиште денеска доби уште еден исклучително важен простор – нова сензорна соба за учениците со попреченост. Станува збор за просторија во која учениците со попреченост ќе можат да поминат одреден период од денот, во случај да имаат проблем со следење на наставниот процес.
Оваа сензорна соба е опремена со посебни реквизити, материјали и сензорно осветлување кое има смирувачко дејство врз учениците.
Просторијата е прилагодена и има дидактички материјали за сите ученици, со цел да се постигне инклузија и нивно вмрежување.
При денешната посета, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев истакна дека локалната самоуправа ќе продолжи да работи на сеопфатно и инклузивно основно образование:
- Се грижиме секој ученик да има еднакви шанси! Вакви сензорни соби имаме во „Димо Хаџи Димов“, „Јан Амос Коменски“, а мило ми е што од денеска и училиштето „В.Ц.Трена“ добива една просторија за учениците со попреченост, но и сите други основци. Роденденот на Општината го одбележуваме преку активности и проекти кои го симболизираат нашето постоење: хуманост, солидарност, градење на подобри услови во основното образование, рече Богоев.
Сензорната соба е резултат на соработка меѓу Општина Карпош, Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ и Здружението за поддршка на деца и млади со попреченост „Сината птица“.
Пред присутните се обрати и Сузана Киранџиска, извршен директор на „Чекор по чекор“, која ја истакна потребата од вакви сензорни простории, со кои се создаваат подобри услови за вклучување на учениците со попреченост во воспитно – образовниоот процес.
Во финална фаза е и нова сензорна соба и во ООУ „Лазо Трповски“, во Карпош 3.