На атрактивен начин со организација на промотивен настан, фирмата „Adventure side“ која стопанисува со адреналинскиот дел од Спортско – адреналинскиот парк кај Кејот на Вардар, официјално ја отвори новата сезона на оваа рекреативна зона. На манифестацијата присуствуваа градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, како и претставници од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

 

                Од „Adventure side“ најавуваат дека адреналинскиот дел кој се состои од три нивоа, годинава ќе функционира со целосно работно време, односно од понеделник до петок љубителите на адреналинот ќе можат да се рекреираат од 17 до 22 часот, додека пак за викендите адреналинската зона ќе биде отворена од 11 до 20 часот.

 

                Инаку, во рамки на оваа спортско-рекреативната зона покрај адреналинскиот дел, достапни за граѓаните се и игралиштата за фудбал и одбојка на песок, реконструираниот скејт парк, како и детското игралиште, кои се бесплатни за користење. За Спортско – адреналинскиот парк, Општина Карпош доби грант од ЕУ во висина од 41.000.000 денари, а локалната самоуправа учествуваше со 6.300.000 денари.