РЕАКЦИЈА: ШУМСКАТА ПОЛИЦИЈА ТРЕБА ДА ЈА ЧУВА ПАРК ШУМАТА ВОДНО
- јуни 15, 2016
- 0
Поради правилно и објективно информирање на сите јавности, граѓаните и медиумите, по серијата текстови кои деновиве се објавија во врска со сечење на дрвја и грмушки во Парк шумата Водно, Општина Карпош, сака да укаже на дузина дезинформации, кои создаваат сосема погрешна слика во јавноста.
Имено, што се однесува до катастерската парцела К.П. 915 КО Долно Водно, мв Рупи, таа е надвор од Генералниот урбанистички план-ГУП и претставува земјоделски земјиште односно приватна парцела со лозје. Според законските прописи сопственикот има право на пристапна патека за да го обработува земјиштето, односно лозјето.
Она што сопственикот на земјиштето добил од Општина Карпош пред повеќе од две години, по барањето за обезбедување на пристапна патека до парцелата 915, е известување дека Општината не може тоа да му го овозможи и дека доколу е во можност тој сам да ја расчисти патеката од гранки и грмушки и нискостеблести растенија за да дојде до сопственото лозје. Инаку, според Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање член 15 (Сл.весник бр. 142/2015) пристапна патека може да биде до 1,5 метри широчина.
Во прилог на ова ви го доставуваме и известувањето до сопственикот.
Известувањето е дадено на 30 мај 2014 година и како архивски документ има важност една година, односно до мај 2015 година, (Закон за архивски материјал 95/2012; 41.2014;, 72/2015; 148/2015;169/2015 и 53/ 2016).
Што се однесува до сечењето на дрвја и правење на цел пат од 4-5 метри во мај годинава, во Парк шума Водно, тоа е сериозен проблем на шумската полиција и другите надлежни органи и институции одговорни за Парк шумата Водно кои требале веднаш да реагираат, да го спречат и санкционираат. Тоа ниту е надлежност на Општина Карпош, ниту одговорност, а уште помалку дозволено со некакво одобрение од локалната власт како што наведуваат дел од медиумите. Општината такво одобрени никогаш не издала.
Во Општина Карпош одобренија за градење може да издаде само градоначалникот на Општина Карпош, и тоа сѐ документи од повисок ранг и тие имаат стандардизиран образец кој исто така ви го приложуваме.
Значи локалната самоуправа во Карпош, ниту издала одобрение за градба, ниту е одговорна за неконтролираното сечење на дрвја, туку за тоа има надлежни служби во Градот, во ЈП „Паркови и зеленило“ и во надлежните министерства.