Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, денеска оствари работна средба со заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, на која беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.
 

Владината поддршка за Општина Карпош изнесува околу 11 милиони евра, преку двата активни повици за капитални проекти, од кои околу 5,5 милиони евра се реализираат директно преку Министерството за транспорт.
 
Во рамки на новиот инвестициски циклус, предвидена е поддршка за уредување плоштади, изградба и реконструкција на улици, атмосферска и фекална канализација, како и унапредување на јавниот простор согласно потребите на граѓаните.
Посебно внимание беше посветено на плочникот на плоштадот „Порта Влае“, за кој ќе се изработи проект, по што ќе следува негово уредување и ревитализација.
 
На средбата се разговараше и за санација на свлечиштата во деловите околу Козле, Трнодол и Жданец. Во тек е изработка на стручни проекти од страна на Градежниот факултет, по што Општината и Министерството за транспорт заеднички ќе пристапат кон реализација на потребните мерки.
 
Едно од клучните прашања беше и решавањето на проблемот со паркирањето во Карпош. Во соработка со Општината и Јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор, се работи на решенија што предвидуваат изградба на катни гаражи и подземни паркиралишта, со цел да се обезбедат повеќе паркинг-места и истовремено да се зачуваат зеленилото и парковите.
Целта е во следните две до три години да се создаде сеопфатно и одржливо решение за паркирањето во општината.
 
Општина Карпош продолжува да ја унапредува соработката со државните институции, со цел реализација на значајни инфраструктурни инвестиции, подобрување на јавниот простор и поквалитетни услови за живот на сите граѓани.