ПРОЕКЦИЈА НА „ПРЕД ДОЖДОТ“ ВО РАМКИ НА „КАРПОШОВОТО КУЛТУРНО ЛЕТО 2025“
- август 23, 2025
- 0
Под отворено небо, вечерва во паркот во населбата Козле се одржа проекција на ремек-делото „Пред дождот“, на познатиот македонски режисер Милчо Манчевски. Карпошани уживаа во антологиските сцени на најуспешниот македонски филм на сите времиња, кој ја доживеа својата премиера пред точно 31 година.
Инаку оваа филмска класика е добитник на над 30 меѓународни награди, меѓу кои и престижната „Златен лав“ на филмскиот фестивал во Венеција и уште четири номинации од кои најзначајната е секако номинацијата за Оскар (Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје) во 1995 година. Трите делови „Зборови“, „Лица“ и „Слики“ се поврзани во хармонична филмска нарација, а преовладува една од секојдневните и вечните теми на Балканот, секогаш подеднакво болна и актуелна, разработена на начин како што само Милчо умее да ја раскаже и режира.
Филмот „Пред дождот“ претставува маестрално остварување во рамки на „седмата уметност“, со магичните звуци на групата Анастасија кои ја надополнуваат аудио-визуелната естетика на ова ремек-дело. Филмот е дел од програмата на стотици универзитети ширум светот, а во Италија претставува дел од задолжителната наставна програма во средните училишта.