На денешната седница на која заседаваше Советот на општина Карпош, советниците едногласно одобрија 300.000 денари финанска помош, која ќе биде наменета за карпошанката Снежана Караџоска, врз која треба да се изврши оперативен зафат во странство. На седницата се изгласа и повторното субвенционирање на велосипеди за Карпошани. Локалната самоуправа ќе субвенционира 30% од вредноста на купениот нов велосипед, но најмногу до 3.000 денари. Акцијата ќе трае од 1. Февруари, се до исцрпување на предвидените средства од 500.000 денари.

Советниците дадоа „зелено светло“ и за Предлог-одлуката со која ќе се одобрат финансиски средства за реализација на програмскиот проект „Инклузија на деца од ромска популација во ЈУОДГ „Пролет““. На оваа седница се одобри и финансиска поддршка за поддршка на спортски клубови од подрачјето на Општина Карпош за 2019 година.  

Со одлука на Советот ќе се финансираат и проекти од културата за правни и физички лица од подрачјето на локалната самоуправа, како и од областа на детската, социјалната и здравствената заштита за физички и правни лица.  

Како една од позначајните точки од аспект на заштита на животната средина  беѓе усвојувањето на  Локалниот еколошки акционен план, ЛЕАП-2 за Општина Карпош за наредните шест години, односно за периодот 2019-2024, кој претходно   беше презентиран и усвоен од Локалниот комитет за изработка на овој план.  

Исто така се усвоија и  Извештајот за реализација на Програмата за урбанистичкото планирање, од областа на екологијата и енергетската ефикасност, од областа на развој и уредување на градежното земјиште за 2018 година. Покрај овие  Заклучоци се усвоија и извештаите за реализација на Програмата за активностите на Општина Карпош во областа на културата, од областа на спортот, детската , здравствената и социјалната заштита и од областа на образованието за 2018 година.  

Советниците ја прифатија и донацијата од Друштвото за одгледување на украсни билки и хортикултура „ ХОРТИ ДИЗАЈН ДОО“ увоз-извоз Скопје.