Учениците кои од оваа учебна година ќе бидат четврто одделение, ќе добијат продолжен престој до 17:00 часот. Оваа одлука, едногласно беше прифатена од сите членови на Советот на Општина Карпош, по претходно спроведена анализа и консултации со родителите, а на предлог на координаторот на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.

 

Како што образложи градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, по консултација со стручните служби на Општината, како и по направена анкета со родителите,  овие наставници ќе бидат ангажирани за дополнителна настава, односно т.н  „целодневна“  настава кај четвртооодделенците. Трошоците за  дополнителниот ангажман на наставниците ќе бидат обезбедени од буџетот на локалната самоуправа.

 

Со изгласување на Одлуката за давање приоритет за искористување на грант средства од кредитот за  изградба на комунална инфраструктура, Општина Карпош денес  успеа да добие  неповратни  средства од Светска Банка во износ од 10 %  од претходно искористен заем, како „грант на успешност“ кои ќе бидат искористени за набавка на комунални возила и друга комунална опрема во износ од над   75.000 евра.

 

 На денешната седница се  усвои и предлогот за обезбедување на оглас за доделување на стипендии за талентирани спортисти, жители на Општина Карпош кои учат во  осмо и деветто одделение во општинските основни училишта, за 2019/2020 година. Стипендиите ќе изнесуваат 2.000 и 3.000 денари.  Фудбалскиот клуб ЛОКОМОТИВА БЕНТОЕКСПОРТ ќе добие финансиска поддршка  во вредност од   1.000.000. денари, додека Карате клубот Карпош  ќе биде поткрепен со 40.000 денари.

 

Советниците ја одобрија и финансиската поддршка за реализација на проектот „ Меморијален турнир во мал фудбал „Оливер Соколов Сокол“, во вредност од 600.000 денари.

 

Советниците при советот на Карпош одлучија  и да се воспостави и меѓуопштинска соработка помеѓу Град Скопје и Општина Карпош за реконструкција и хортикултурно уредување на јавни зелени површини на територијата на Општина Карпош.

 

Членовите на Советот ги усвоија заклучоците за Годишните извештаи за работата на четирите детски градинки кои се наоѓаат на територијата на локалната самоуправа и тоа: „  Орце Николов“, „ Пролет“, „ Мајски Цвет“, како и „ Распеана Младост“,  за  2018/2019 година, и  Годишната програма за работата на овие градинки за претстојната 2019/2020 година.

 

Се  изгласаа заклучоците за  усвојување на Годишните извештаи по реализирани ученички екскурзии во десетте основни училишта на територијата на Општина Карпош и тоа:  „ Аврам Писевски“, „ Братство“, „ Вера Циривири-Трена“, „ Христијан Тодоровски- Карпош“, „ Владо Тасевски“, како и „ Јан Амос Коменски“, „ Димо Хаџи Димов“, „ Војдан Чернодрински“, „ Петар  Поп Арсов“ и „ Лазо Трповски“, за 2018/ 2019 година. Беа усвоиени и годишните извештаи за работата на овие училишта за 2018/ 2019 година, компарирано со претходната учебна година – 2016/2017 година.