ПРИЈАВИ КОРУПЦИЈА, СУДИР НА ИНТЕРЕСИ И ДОБИ ПРАВНА ПОМОШ
- декември 9, 2020
- 0
Преку информирање на граѓаните за начините за пријава на корупција и судир на интереси, како и добивање на правна помош, Општина Карпош во соработка со коалицијата „Сите за правично судење“ го одбележа 09. декември – Меѓународен ден за борба против корупција.
Пред седиштето на општината, во близина на архивата, каде што фреквенцијата на граѓани кои се обраќаат до локалната самоуправа е поголема беше поставен штанд. Претставниците од коалицијата делеа промотивни материјали, но и ги информираа жителите за начините да препознаат и да пријават корупција. Една од најлесните можности е преку електронски пат: https://all4fairtrials.org.mk/?p=3384&lang=mk .
На оваа теренска активност присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, кој ги мотивираше граѓаните да бидат проактивни и отворено да зборуваат за односот со службениците или квалитетот на услугите на локално ниво.
Во изминатиот период, Општина Карпош спроведува и проект во соработка со Фондацијата отворено општество – Македонија (ФООМ), насловен како „Зајакнати системи на интегритет за борба против корупција на локално ниво“, кој е дел од ,,Проектот за граѓанско учество”, спроведуван од Ист Вест Менаџмент Институт (East West Management Institute- EWMI) и финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).
Општинската администрација во соработка со ФООМ подготвува анализа за проценка на ризици од корупција и судир на интереси, се креира план за интегритет за да се обезбеди поефикасна администрација, но и се испитува јавното мислење за распространетоста на корупцијата на локално ниво.