Преку телефонската линија која ја отвори Општина Карпош, 078 – 257 – 640, за пријавување на непријатна миризба/оган на отворено, до овој момент пристигнале повеќе од  400 пријави.

Како резултат на отворената телефонска линија, инспекциските служби на Општина Карпош дадоа придонес во локализирање и гасење на пожар на територија на Општина Сарај, во населено место Свиларе, на 05.09.2019 година, како и еден пожар локализиран на Скопска Црна Гора, на 07.09.2019 година. 

По спроведените теренски контроли, како и по пријавите од страна на граѓаните, на територија на Карпош не се евидентирани огнови на отворено, туку најчесто непријатната миризба доаѓа од околните скопски села и од Општина Сарај. 

Инспекциските служби постојано комуницираат со Противпожарната служба, градскиот инспекторат и секторите за инспекторат на други општини, со цел веднаш да се детектираат критичните места од каде што се шири непријатна миризба.  

Апелираме до сите граѓани, кои се јавуваат на телефонската линија да пријавуваат единствено непријатна миризба или оган на отворено, да не ја користат линијата за други теми и проблеми, со цел да се овозможи поголема ефикасност и експедитивност на службите. Телефонскиот број функционира до 23:30 часот, а потоа граѓаните можат да пријавуваат на 193.

 

Борбата со аерозагадувањето може да се добие единствено со сериозна и посветена работа од сите чинители во општеството. Општина Карпош продолжува со сите ресурси да делува за справување со аерозагадувањето, како еден од најсериозните проблеми во нашата држава.